ПРВ.мк
Скопје

ЗОО Скопје под лупа: Кој е одговорен за коњите?

ЗОО Скопје под лупа: Кој е одговорен за коњите?
Kristal

Случајот со закланите коњи во скопската Зоолошка градина повторно е во фокусот на јавноста, откако денеска се одржа продолжението на судското рочиште. Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ ја критикува институционалната неактивност и бара јасна одговорност за инцидентот, кој го смета за организирано мачење и малтретирање животни.

„За нас е особено скандалозно што масакрот врз животни, затечен од полицијата, се сведува на обвинение за несовесно работење во службата. Станува збор за организирано колење животни во државна институција, пред сведоци и пред очите на јавноста“, велат од „Анима мунди“. Тие нагласуваат дека ако овој случај помине без соодветна одговорност, тоа испраќа опасна порака дека животните можат да бидат правно „ничии“ и нивното страдање безвредно.

Инцидентот се случи во јули 2022 година, кога полицијата затекла вработени во ЗОО Скопје како колат коњи и мазги, претходно одземени од КПУ „Идризово“. Тогашниот директор на ЗОО, Кристијан Стаменов, тврдеше дека животните биле болни и се користеле како храна за месојадните животни во градината, но по силните реакции во јавноста, тој беше разрешен. Агенцијата за храна и ветеринарство потоа соопшти дека не дала одобрение за таква постапка и дека животните не биле соодветно регистрирани, поради што месото било уништено во депонијата „Дрисла“.

„Анима мунди“ истакнува дека ова не е единствен случај, туку дека од 2016 до 2022 година била практика во ЗОО Скопје да се колат животни – повредени крави, коњи, овци и кози, често од институции како КПУ „Идризово“. Според здружението, сопственик на коњите бил КПУ „Идризово“, со отштетно побарување од 141.000 денари.

Здружението нагласува дека институциите молчат за овој случај и дека се уште немаат добиено одговори на нивните барања за информации од јавен карактер. „Јавноста има право да знае сè, а ние ќе инсистираме на целосна одговорност за ладнокрвното убиство на овие несреќни животни“, заклучија од „Анима мунди“.

Следното судско рочиште е закажано за 20 април 2026 година.

SWM
Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo