ПРВ.мк
Скопје

СКОПЈЕ НА УДАР: Питачите мора да се отстранат од улиците – надлежните да пристапат сериозно кон решавање на проблемот!

СКОПЈЕ НА УДАР: Питачите мора да се отстранат од улиците – надлежните да пристапат сериозно кон решавање на проблемот!

Здружението „Градиме иднина“ од Скопје, во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, го продолжува проектот „Стоп против питачењето и злоупотребата на децата и нивното здравје“.

Од здружението бараат надлежните да го почитуваат усвоениот акциски план и да постапуваат според него за отстранување на питачите, како и да го почитуваат меѓусекторскиот протокол за работа со децата од улица. Тие очекуваат овој апел да резултира со конкретни мерки и државата сериозно да започне да се занимава со овој долгогодишен проблем, еднаш засекогаш, и да се подобри статусот и положбата на децата питачи.

Здружението информира дека неодамна имале работен состанок со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за да го запознаат со содржината на проектот, кој, според нив, со години стои на мртва точка.

– Полицијата на терен повеќе од 27 години не го решава проблемот со питачите во државата. Во овој проект целосно се вклучени Владата, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и ОЈО Скопје. Баравме од МВР да се почитува акцискиот план, со редовно излегување на терен еднаш или двапати неделно од сите полициски станици, со цел опомена и отстранување на питачите и на чистачите на автомобилски стакла, бидејќи тие пречат на раскрсниците и ја загрозуваат сопствената и општата безбедност во сообраќајот – соопштија од „Градиме иднина“.

Во изминатите четири години и четири месеци здружението вложило голем труд и работа во овој проект. Досега питачи се отстранети од локации како Железничката станица во Скопје, Качанички пат, булевар „Партизански одреди“ кај раскрсницата кај „Мида“, кај МПЦ и кај трговскиот центар „Сити мол“.

Во наредниот период планирано е отстранување на питачи од локации како ТЦ „Мавровка“, Старата скопска чаршија, Камениот мост, булеварот кон Судска палата, трговскиот центар „Ист Гејт“, булеварот кај Автокоманда кон дирекцијата на Бригадата за противпожарна заштита, кај Факултетот за земјоделство, шумарство и водостопанство кон „Алкалоид“, поранешниот дом „Ранка Милановиќ“, Ново Лисиче кај ТЦ „Бисер“ и булеварот „Србија“.

Активности ќе се спроведуваат и во општините Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров, Центар, како и во градовите Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Неготино, Велес, Кочани, Штип, Пробиштип, Берово, Виница, Делчево, Македонска Каменица, Струмица и други градови низ Македонија.

Од „Градиме иднина“ најавуваат дека дописот ќе биде доставен до Владата, МВР – кабинетот на министерот, МТСП, Центарот за социјални работи Скопје, Одделот за внатрешна контрола на МВР, ОЈО Скопје и Републичкото јавно обвинителство.