Општина Кисела Вода го оствари најдобриот финансиски прв квартал во својата историја, со реализација на приходи од 322.841.406 денари, што е зголемување од 8,06% во однос на истиот период од 2024 година, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Во споредба со 2021 година, последната година од мандатот на претходната власт, реализацијата на приходите е повисока за речиси 59%. Во делот на основниот буџет бележиме раст од 11,2% во однос на рекордната 2024 година,“ истакна Ѓорѓиевски.
Финансиската стабилност, според него, е драматично подобрена – ликвидноста е зголемена за речиси седум пати во однос на 2021 година. Освен тоа, општината бележи значаен напредок и во капиталните инвестиции.
„Во првиот квартал од 2025 година реализиравме капитални проекти во вредност од 76.850.753 денари – што е трипати повеќе од 2020 и 2021, и дури 13,7 пати повеќе од 2019. Само за илустрација, во сите први квартали на претходното раководство беа реализирани проекти во вкупна вредност од 71.576.234 денари – помалку од трите месеци оваа година,“ нагласи тој.
Градоначалникот додаде дека веќе е започната постапка за реализација на нови 22 капитални проекти, за кои е поднесено барање за поддршка од Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
„Овие бројки не се само статистика, туку реална слика за промените што граѓаните ги чувствуваат секојдневно. Очекуваме уште посилен втор и трет квартал,“ порача Ѓорѓиевски.