Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, веднаш по примопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, ја започна акцијата за темелно чистење на централното подрачје на градот, плоштадот „Македонија“ и кејот на реката Вардар.
На својот официјален Фејсбук-профил, Ѓорѓиевски објави фотографии од акцијата и напиша: „Нашето убаво Скопје! Чисто и достоинствено!“

Според неговите најави, акцијата требало да заврши вечерва, а се спроведува согласно ветувањето за темелно чистење на градот во првите 72 часа од преземањето на мандатот. Во текот на деновите, со механизација и рачно се чистат коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња, се расчистува насобраниот земјен материјал на кејот, а контејнерите од ѓубре редовно се празнат.

Во акцијата се вклучени работници и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта“ – Скопје, со што градот наскоро ќе добие чист и уреден центар и кеј достоен за жителите и посетителите.
















