ПРВ.мк
Скопје

ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ: Скопје утре под посебен режим – возачите да ги избегнат овие улици!

ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ: Скопје утре под посебен режим – возачите да ги избегнат овие улици!

Утре во Скопје ќе се одржи 14. издание на традиционалниот спортско-рекреативен настан „Прв до врв“, во организација на Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ – Скопје, информираат од МВР.

Настанот ќе опфати две активности – велосипедска трка и планинарска тура, кои ќе се одвиваат на релација од центарот на градот до врвот на Водно, кај Милениумскиот крст.

Велосипедската трка ќе започне во 09:45 часот. Трасата на движење е предвидена од Музејот на град Скопје, по улица „Св. Кирил и Методиј“, потоа лево на булевар „Св. Климент Охридски“, право по булевар „Мајка Тереза“, па лево на улица „Тодор Александров“, по што учесниците ќе продолжат по локалниот пат кон Средно Водно и ќе се искачуваат до самиот врв на планината.

Паралелно, во 10:00 часот ќе стартува и планинарската тура. Почетната точка е пред ООУ „Кочо Рацин“ на булевар „Мајка Тереза“, од каде учесниците ќе се движат по улица „Тодор Александров“. Кај улица „Салвадор Аљенде“ маршрутата продолжува по планинска патека кон Средно Водно и понатаму до врвот.

Поради одржување на настанот, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен сообраќаен режим. Дел од улиците по трасата ќе бидат пренасочени, а сообраќајот ќе се одвива по алтернативни правци.

Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да ги почитуваат наредбите и насоките на полициските службеници со цел настанот да се одвива безбедно и без застои.