Српската пејачка Јелена Карлеуша откри дека за време на изборната ноќ во Србија, на 25 октомври, презела дополнителни безбедносни мерки во својот дом поради бројни закани со смрт што, како што тврди, ги добивала.
За време на снимањето на емисијата „Пинкови ѕвезди“, Карлеуша раскажала дека ги спуштила металните ролетни на прозорците од својата вила, што ја исплашило нејзината ќерка Ника.
„Во мојата куќа можат да влезат само преку мене мртва“
Пејачката изјавила дека таа вечер повеќе луѓе ја предупредувале дека нејзината безбедност е загрозена. Во домот била само со ќерката и домашните миленици.
„Во мојата куќа и во куќата на моето дете можат да влезат само преку мене мртва. Имам обезбедување, пријатели, има кој да ме брани“, изјавила Карлеуша.
Таа нагласила дека нејзиниот приватен телефонски број и домашната адреса се јавно достапни, што дополнително ја загрижува бидејќи живее со малолетната ќерка.
Карлеуша додала дека вилата има безбедносни камери, но дека не поседува оружје.
„Сакав да бидам музичка ѕвезда, а зборувам само за закани“
Пејачката изразила незадоволство од ситуацијата во која се наоѓа, тврдејќи дека надлежните институции не реагираат соодветно на заканите.
„Имам чувство дека сонувам во оваа земја, бидејќи сакав да бидам музичка ѕвезда, а излегува дека зборувам само за напади и закани“, изјавила таа.
Проговори и за откажаниот настап во Германија
Карлеуша се осврнала и на неодамна откажаниот настап во германскиот град Есен, за кој тврди дека бил откажан поради нејзините јавни ставови.
Таа порачала дека нема намера да ги менува своите убедувања поради притисоците и дека ќе продолжи да се занимава со музика, дури и доколку ѝ бидат откажани други настапи.
„Секое чудо трае три дена. Ова не е првпат, но не е ниту последен. Ако не ме сакаат луѓето, ме сакаат животните“, заклучила Карлеуша.










