ПРВ.мк

Коњановски: Заедничка акција за создавање безбедни училишта без насилство

Коњановски: Заедничка акција за создавање безбедни училишта без насилство
VERO Banner

На Правниот факултет во Битола, денес беше одржана тркалезна маса на тема „Врсничкото насилство во училиштата во Општина Битола“, каде беа презентирани прелиминарните резултати од истражувањето за оваа тема. Истражувањето, кое го спроведоа професорите од Правниот факултет, вклучуваше вкупно 609 ученици од сите основни и средни училишта во Општина Битола. Податоците откриваат загрижувачки бројки за распространетоста на врсничкото насилство, кое се однесува на психичко, физичко и сајбер насилство.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, ја истакна важноста на заедничкото делување и свесноста за сериозноста на проблемот. Тој нагласи дека врсничкото насилство е еден од клучните проблеми кој бара континуирана работа и акција од сите чинители во општеството.

„Секоја форма на насилство меѓу учениците, без исклучок, мора да биде навремено препознаена и соодветно третирана. Со зголеменото користење на интернетот, се појавуваат нови форми на насилство кои може да остават сериозни последици врз менталното здравје на учениците,“ изјави Коњановски.

Тој истакна дека податоците од истражувањето ќе служат како важен показател за идните мерки на делување, и тоа како за локалната самоуправа, така и за образовните институции, полицијата и граѓанските организации, кои треба да се координираат и соработуваат во создавање безбедна и поддржувачка средина за учениците.

„Ефикасното спречување на насилството подразбира синхронизираност помеѓу сите релевантни институции. Треба да работиме заедно за да создадеме училишта без насилство, во кои секое дете ќе се чувствува среќно, прифатено и безбедно,“ додаде Коњановски.

Комплетната анализа на резултатите ќе овозможи развој на Стратегија за заедничко делување, која ќе ги насочи сите заинтересирани страни кон конструктивни решенија и превентивни мерки за справување со врсничкото насилство во училиштата во Битола.

Agria
Stenton
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран