Изградбата на планинарскиот дом „Копанки“ добива нова динамика, а Општина Битола останува посветена на неговото завршување и ставање во функција. Ова беше тема на средбата меѓу градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и претседателот на ПСК „Пелистер“, Диме Попов.
Според Попов, поради сериозните последици од пожарот, домот не можеше да биде реконструиран, туку се гради како сосема нов објект. Новата градба го задржува автентичниот изглед и значењето што „Копанки“ го има за битолчани. Во моментов, објектот е изграден до карабина, се работи на кровната конструкција и скалите, а следна фаза ќе биде поставувањето на дограмата.
Локалната самоуправа досега издвоила 9.800.000 денари за изградбата, а оваа година, според програмата за спорт и млади, ќе обезбеди дополнителни 2.800.000 денари.