Пратеничките канцеларии во Битола повторно ќе бидат достапни за граѓаните како дел од проектот „Ваш пратеник“. Ова беше најавено денес од претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој заедно со пратениците Силвана Анѓелевска, Олга Лозановска, Бисера Костадиновска Стојчевска и Пеце Милевски ги посети просториите на канцелариите.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој беше домаќин на делегацијата, ја поздрави оваа иницијатива, нагласувајќи ја важноста на непосредниот контакт меѓу граѓаните и пратениците.

„Ова е дополнителна можност за битолчани да ги изнесат своите барања, потреби и идеи. Сега има уште еден простор каде што пратениците ќе можат директно да разговараат со граѓаните и да ги согледаат нивните предлози“, изјави Коњановски.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, потенцираше дека отворањето на овие канцеларии ќе придонесе за подобра комуникација меѓу граѓаните и нивните избраници во парламентот.
„Ги видовме канцелариите – тие се достојни за ваква намена. Се надевам дека ова ќе биде поттик за граѓаните на Битола да ги користат и да остваруваат непосреден контакт со своите пратеници“, изјави Гаши, кој воедно се заблагодари на градоначалникот Коњановски за топлиот пречек.
Посетата заврши со работна средба меѓу Коњановски и Гаши во општина Битола, каде што се разговараше за актуелните состојби и зајакнување на соработката меѓу локалната и централната власт.