Советот на општина Тетово денес едногласно ја прифати донацијата од компанијата УНИПРОМЕТ НМ ДООЕЛ Скопје, со која ќе бидат обезбедени 800.000 евра за целосна реконструкција на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Оваа донација ќе овозможи подобрување на условите за учениците и наставниците, решавајќи децениски проблем со несоодветната инфраструктура на двете згради на училиштето.
„Конечно, по барање на учениците и наставниците, овој долгогодишен проблем ќе биде решен. Зборот е збор! Не сме сите исти!“ – истакна Ангел Карапетров, советник во општина Тетово.
Проектот предвидува целосна реконструкција на првата зграда, која располага со 7 училници, кабинет за информатика, 2 тоалети, наставничка канцеларија, библиотека, канцеларија за помошник-директор и простор за техничкиот персонал. Втората зграда ќе добие реновирање на 6 училници, наставничка канцеларија, тоалет, кабинети за природни науки и мала спортска сала.
Оваа инвестиција претставува значаен чекор во унапредувањето на образованието во Тетово и обезбедува современи услови за учениците и наставниот кадар.