ВМРО ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски обвинуваат дека во случајот „Мазут за ТЕЦ Неготино“ се увезувало канцерогено гориво кое завршило во електраната. Засега нема подетални и потврдени информации од институции колку и каков недозволен мазут бил увезен. Ваквата недореченост, во моментов остава сомнеж во јавноста дека фирмата Пуцко Петрол на Асмир Јахоски кој е еден од осомничените, увезува ваков мазут и секојдневно го продава на институции.
Од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ЈО ГООК) велат дека Јахоски се товари само за перење на пари, додека Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски кои се сопственици на фирмата РКМ, се товарат за поднесување на лажни документи и неиспорачување на договорените обврски со што му нанеле штета на државниот буџет од 167,5 милиони евра.
Инаку, сомнежите за криминал во тендерот за набавка на мазутот беа објавени уште во март, 2022 година од страна на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
„Во суштина, истражувањето почна кога видовме кои компанија ги навел Капушевски, кога аплицирал и се договарал во четири очи како неговиот добавувачи. Ги прашавме сите, стануваше збор за реномирани компании како ИНА од Хрватска, ОМВ од Австрија, кои потврдија дека никогаш не соработувале со Ратко Капушевски, ниту го знаат. Тоа ни отвори ново сомнеж да видиме од кај ќе го набави мазутот, со оглед на тоа што ниту една од македонските големи компании кои работат со мазут не се пријавија.“, додава Бојан Стојаноски.
Капушевски и неговата фирма РКМ имаат историја за увоз на токсично гориво. Во документарецот „Заговор против воздухот“ на ИРЛ, кој не е поврзан со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино беше докажано дека Капушевски се обидувал да увезе масло, кое смее како гориво да се користи само на бродови кои пловат на отворено море, поради неговата отровност за животната средина.
„Во два наврати Ратко Капушевски е фатен, каде што увезува според она ние што го истражувавме и што го потврдивме со факти, со документи, еднаш е фатен од македонскиот Државен пазарен инспекторат, каде што после испитувањата објавија дека станува збор за токсичен отпад, а не мазут и затоа му беше одземена после тоа лиценцата за работа со мазут.“, вели Бојан Стојаноски.
Вториот пат беше откриено од страна на Хрватската царина и инспекција дека се обидува да увезе токсичен отпад.
Во случајот „Мазут за ТЕЦ Неготино“ освен Капушевски, Сулкоски и Јахоски, осомничен е и поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски кој исто така се гони од законот во случајот „Адитиви“.