Со поддршка од 1.500.000 денари од Програмата за млади и спорт на Општина Битола, денес во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ официјално беше отворено Државното првенство во кошарка за средни училишта, во машка конкуренција.

Настанот, организиран од Федерацијата на училишен спорт на Македонија, во соработка со Општинскиот сојуз на училишен спорт на Битола и домаќинската гимназија, ги собра најдобрите средношколски кошаркарски тимови од Гевгелија, Струга, Скопје и Битола.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, се обрати на отворањето и порача дека Општина Битола останува посветена на развојот на младите и поддршката на спортските активности во образовните институции.
„Ова е вложување во иднината. Младите спортисти се нашата гордост и мотив да продолжиме со инвестиции во спортот и здравите навики“, изјави Коњановски пред присутните ученици, наставници и спортски работници.
Настанот го отворија и директорката на Гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола, Лидија Споа, како и претставници на Федерацијата на училишен спорт. Програмата продолжува со натпревари помеѓу средните училишта, кои ќе се борат за титулата државен шампион.