Украина формира Центри за подготовка на граѓани за национален отпор
Владата на Украина одобри план за формирање на „Центри за подготовка на граѓани за национален отпор“, иницијатива развиена од Министерството за одбрана во соработка со Кабинетот на претседателот.
Целта на овие центри е да се зајакне отпорноста на населението и да се подготви за евентуално учество во одбраната, доколку дојде до натамошна ескалација на војната. Центрите ќе се отворат во сите украински области, како и во главниот град Киев.
Обуката ќе ја водат претежно ветерани на украинските вооружени сили, а поддршка ќе даваат активни војници од територијалната одбрана и специјалните единици. Практично, граѓаните ќе се обучуваат за потенцијални сценарија на герилска борба, во случај да се јави потреба за таков вид отпор.
Центрите ќе располагаат со обука опрема, симулатори, радио-врски и макети од оружје. Одлуката доаѓа во момент кога Украина сè повеќе се потпира на мобилизација на населението, што укажува дека губитоците на фронтот ја тераат државата да размислува за проширена одбрана преку народни одреди.
Се потсетува дека уште во првите денови од руската инвазија, украинските цивили покажаа отпор – од употреба на Молотови коктели до директни судири со руските сили. Во Киев тогаш дури се делеше оружје на граѓаните, со цел тие да ја бранат својата земја.
Снимките од Херсон, каде цивили се соочија со руската армија, говорат за одлучноста на народот, иако резултатите беа трагични. Подоцна, бунтовите преминаа во мирни демонстрации.
Фактот дека иницијативата доаѓа директно од Кабинетот на претседателот укажува на тоа колку сериозно ја сфаќа ситуацијата Владимир Зеленски. Очигледно, тој најдобро го познава моменталниот капацитет на својата армија.