Чешкиот претседател Павел: Притисокот на САД кон Украина е поголем од оној кон Русија
Претседателот на Чешка, Петр Павел, остро ја критикуваше надворешната политика на САД, нагласувајќи дека Вашингтон врши далеку поголем притисок врз Украина отколку врз Русија. Во изјава дадена за време на посета на регионот Храдец Кралове, Павел предупреди дека американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да постигне мировен договор по секоја цена – дури и по цена на интересите на Украина и Европа.
„Она што моментално се нуди на преговарачката маса повеќе личи на обид за постигнување мир по секоја цена, само за да може Трамп да се пофали дека успеал да донесе мир – без разлика колку тоа ќе ја чини Украина или Европа,“ рече Павел.
Тој додаде дека доколку Русија излезе од војната со зајакната позиција и уверена дека агресијата се исплатила, тоа ќе биде опасен сигнал за иднината на европската безбедност.
„Од почетокот го застапувам ставот дека мирот е можен само преку компромис, но тој не смее да значи ултиматум за Украина и наградување на агресорот,“ истакна чешкиот претседател.
Павел исто така предупреди дека евентуалните територијални отстапки не смеат да бидат трајни.
„Доколку се разговара за територијални отстапки, тие би можеле да бидат прифатени исклучиво како привремено решение – а не како правно признание дека окупираните територии стануваат легитимно руски,“ додаде тој.
Чешкиот претседател најави и дека ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски на Самитот на Иницијативата „Три мориња“ кој ќе се одржи во Варшава следната недела. На средбата ќе се разговара за можен мировен компромис кој би бил прифатлив за Украина, како и за итните потреби од муниција и воена поддршка.