Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, одржа координативен состанок со директорите на основните и средните училишта, како и со градинките, со цел да се анализира состојбата со безбедноста во овие институции. Во изминатиот период беа спроведени вонредни контроли, а согласно заклучоците, инспекциските надзори ќе бидат дополнително засилени.
„Сигурноста на децата е наш приоритет. Вршиме проширени контроли на влезовите, противпожарните (ПП) апарати и целокупната потребна документација за да се осигураме дека училиштата и градинките ги исполнуваат сите безбедносни стандарди,“ изјави Коњановски.
Дополнително, општинскиот инспекторат, во соработка со инспекторот за домување, управителите на станбени згради и станбените сервиси, ќе врши проверка на противпожарната заштита во индивидуалните и колективните станбени објекти. Контролите ќе опфатат проверка на исправноста на ПП апаратите, постоењето на хидрантска мрежа и достапноста на црева за вода.
Од управителите на зградите ќе биде побарано да достават податоци за бројот на ПП апарати и лицата кои знаат да ракуваат со нив. Таму каде што ќе се утврдат недостатоци, општинскиот инспекторат ќе наложи преземање на мерки согласно законските прописи.
„Безбедноста на граѓаните е заедничка одговорност. Општината ќе продолжи со активен надзор и ќе преземе мерки онаму каде што е потребно,“ нагласи Коњановски.
Со оваа иницијатива, Битола ја зајакнува безбедносната мрежа во јавните институции и станбените објекти, осигурувајќи подобра заштита за граѓаните.