ПРВ.мк

Коњановски: Битолската противпожарна единица е симбол на пожртвуваност и истрајност

Коњановски: Битолската противпожарна единица е симбол на пожртвуваност и истрајност
Jumbo Banner

Со пригодна свеченост и силна симболика, на 20 мај во Битола беше одбележан Денот на македонските пожарникари, ден кога се чествува храброста и пожртвуваноста на оние кои секојдневно се борат за заштита на човечки животи и имот. Битола, како град со најстарата територијална противпожарна единица во Македонија и една од најстарите на Балканот, формирана во 1836 година, има посебна причина за гордост.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заедно со претставници од Советот на општината и градоначалниците на Могила и Новаци, положи свежо цвеќе пред спомен-плочата на ТППЕ Битола, во знак на почит кон генерациите пожарникари кои ја одржувале оваа витална служба.

Во своето обраќање, Коњановски изрази длабока благодарност за истрајноста, храброста и професионализмот на пожарникарите:

„Територијалната противпожарна единица на Битола претставува симбол на пожртвуваност, истрајност и професионализам. Генерации пожарникари од овој град ја граделе и одржувале оваа служба, која денес претставува пример за организираност и постојана подготвеност,“ рече Коњановски, истакнувајќи дека локалната самоуправа останува силно посветена на поддршката на оваа служба.

Тој информираше дека првата фаза од изградбата на новата противпожарна зграда во АРМ е веќе завршена, а во втората ќе следи доопремување со поддршка од Министерството за одбрана на САД. Очекувањата се дека наскоро ќе се потпише и договор за грант, со што ќе се заокружи еден значаен инвестициски циклус во заштитата и безбедноста на граѓаните.

Во рамки на свеченоста, градоначалникот им додели плакети за особен придонес и посветеност на пожарникарите Стевче Станковски и Тони Мирчевски, по повод нивното пензионирање.

„Живееме во време на климатски предизвици и се почести пожари, а подготвеноста на пожарникарите станува сè поважна. Бог да ги чува сите пожарникари – тие се вистински херои,“ порача Коњановски.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран