По појавата на девијации на горниот слој од коловозот на неодамна реконструираната улица „Бурса“ во близина на Битолската пиварница, оштетувањата ќе бидат санирани од страна на изведувачот, согласно договорните обврски.

Од Општина Битола информираат дека улицата е сѐ уште во гарантен период, а тоа значи дека сите аномалии што се појавиле или евентуално ќе се појават, се обврска на изведувачот да ги отстрани. Целта е улицата да има нормален тек, квалитет и безбедност за сообраќајот.
Реконструкцијата на улицата „Бурса“ — од спојот со улицата „Македонска фаланга“ до новопроектираната улица „Индустриски пат“ — се реализира преку проектот за поврзување на локални патишта, финансиран преку заем од Светска банка.

Градоначалникот на Битола во неколку наврати потенцираше дека ќе се инсистира на професионален пристап и одговорност во изведбата на инфраструктурните проекти. Тој најави дека сите недостатоци што ќе се појават по реконструкцијата ќе бидат корегирани на трошок на изведувачот.