ПРВ.мк
Република

Фантом фирми исчезнуваат со стока – кој стои зад измамите?

Фантом фирми исчезнуваат со стока – кој стои зад измамите?

Македонските транспортни компании се соочуваат со сè почести измами при договори за превоз, каде лажно регистрирани фирми преземаат стока и исчезнуваат без трага. Од Макамтранс предупредуваат дека ваквите злоупотреби најчесто се случуваат преку транспортни берзи и компромитирани профили на легитимни компании.

Според асоцијацијата, измамниците користат лажни документи, фиктивни возила и нерегуларни регистарски таблички за да изгледаат како вистински превозници. По преземањето на товарот, тие организираат истовар на лажни адреси и потоа целосно исчезнуваат, оставајќи ги оштетените компании без можност за наплата.

Дополнителен проблем претставува злоупотребата на податоци од вистински фирми, каде хакерски напади или неовластен пристап доведуваат до користење на компромитирани профили на транспортни берзи, што ја отежнува проверката на идентитетот на партнерите.

Од Макамтранс апелираат компаниите да бидат исклучително внимателни при изборот на соработници, да работат со проверени субјекти и да вршат повеќекратни проверки на бонитетот и автентичноста на секој нов партнер, особено при прва соработка.

Покрај измамите, транспортниот сектор се соочува и со зголемен број кражби на товар во текот на превозот. Ризикот е особено висок за време на задолжителните паузи на возачите, дури и кога возилата се паркирани на таканаречени безбедни паркинзи. Во некои случаи, и покрај тоа што нема видливи знаци на насилно отворање, дел од стоката недостасува при истовар.

Како дополнителен предизвик се наведуваат и строгите контроли во соседните земји. На пример, во случаи на откриена кражба при транзит, возилата може да бидат задржани додека не се утврди каде точно се случила кражбата, што може да доведе до значителни финансиски загуби за компаниите.

Во вакви услови, од Макамтранс порачуваат дека најбезбедна стратегија е соработка со доверливи партнери, постојана проверка на податоците и размена на информации меѓу компаниите, со цел да се намали ризикот од измами и кражби во транспортниот сектор.