ПРВ.мк
Наука/Технологија

Во среда следува спектакл во вселената: Ракета на SpaceX ќе се забие во Месечината

Во среда следува спектакл во вселената: Ракета на SpaceX ќе се забие во Месечината

Горниот степен од ракета на SpaceX, кој повеќе од една година неконтролирано се движи низ вселената, во среда треба да удри во површината на Месечината. Настанот ќе биде внимателно следен од научници и астрономи ширум светот, бидејќи се очекува да создаде нов кратер и облак од прашина.

Станува збор за дел од ракета што на 15 јануари 2025 година ги испрати кон Месечината две приватни летала за слетување. По завршувањето на мисијата, горниот степен останал во вселената, а неговата траекторија сега завршува со судир на површината на природниот сателит на Земјата.

Според експертот за следење вселенски објекти Бил Греј, ракетата ќе удри со брзина од околу 8.700 километри на час, во близина на кратерот Ајнштајн, на страната од Месечината што е осветлена од Сонцето. Ударот ќе ослободи енергија споредлива со околу три тони ТНТ.

Иако блесокот од ударот најверојатно нема да биде видлив од Земјата, научниците очекуваат облакот од прашина да се издигне неколку километри над површината и да може да се набљудува со моќни телескопи.

Според истражувачите, овој настан претставува ретка можност да се проучи како вештачките објекти влијаат врз површината на Месечината. Лунарното извидувачко летало на НАСА и јужнокорејскиот орбитер „Данури“ ќе ја фотографираат областа пред и по ударот за да ги анализираат последиците.

Научниците проценуваат дека ќе се формира кратер со дијаметар од околу 27 метри и длабочина од приближно пет метри. Тој нема да биде видлив од Земјата, но ќе може да се забележи од вселенските летала во орбита околу Месечината.

Ова ќе биде втор познат случај на ненамерен удар на потрошена ракета во Месечината. Претходниот беше во 2022 година, кога дел од кинеска ракета удри на нејзината далечна страна и создаде два кратери.

Експертите велат дека ваквите настани ја нагласуваат потребата од подобро следење на вселенскиот отпад, особено во период кога САД и Кина интензивно се подготвуваат за нови мисии со астронаути на Месечината, а приватните компании како SpaceX и Blue Origin развиваат летала за идните програми за истражување.