Астероидот 99942 Apophis, познат како „бог на хаосот“ и „убиец на градови“, ќе биде најблиску до Земјата на 13 април 2029 година. Во тој период ќе биде поблиску од телекомуникациските сателити во геостационарната орбита и ќе може да се види со голо око, објави ABC News.
Според пресметките на астрономите, астероидот ќе помине на оддалеченост од околу 32.000 километри од Земјата – што е приближно една дванаесетина од растојанието меѓу Земјата и Месечината. Според NASA, ова ќе биде едно од најблиските забележани минувања на објект со ваква големина и претставува „многу редок настан“.
Овој близок премин ќе биде видлив од источната хемисфера, доколку временските услови дозволат. Астрономите истакнуваат дека астероидот ќе биде доволно блиску за да може да се набљудува без телескоп или двоглед.
Кога 99942 Apophis првпат бил откриен во 2004 година, бил означен како потенцијално опасен поради можноста за удар во Земјата во 2029, 2036 или 2068 година. Но, по детално следење на неговата орбита, научниците денес се сигурни дека не постои ризик од судир во наредните најмалку 100 години.
Гравитацијата на Земјата може малку да ја промени орбитата на астероидот околу Сонцето за време на неговото минување, но тоа нема да влијае на безбедноста.
Името „Апофис“ доаѓа од Apep, древно египетско божество во облик на змија, познато како бог на хаосот и темнината.
Астероидот е остаток од раниот Сончев систем стар околу 4,6 милијарди години. Неговиот просечен пречник е околу 340 метри, додека најдолгата оска може да достигне и над 450 метри.
При преминот во 2029 година, 99942 Apophis ќе стане дел од групата „Аполо“ – астероиди кои ја сечат орбитата на Земјата, но кружат околу Сонцето по пошироки патеки.










