Човештвото би можело да се соочи со опасност од изумирање до крајот на овој век, предупредуваат експертите во нов извештај на комисија на престижното медицинско списание „Лансет“.
Според анализата, нуклеарниот конфликт и злонамерната употреба на вештачката интелигенција се меѓу најопасните сценарија со потенцијално катастрофални последици.
Комисијата, составена од 35 експерти, идентификувала 17 големи закани за глобалното здравје до 2100 година.
Научниците предупредуваат дека нуклеарна војна би можела да предизвика таканаречена нуклеарна зима, при што честичките во атмосферата би ја блокирале сончевата светлина и би довеле до глобален недостиг на храна.
Дополнителна опасност претставува можноста вештачката интелигенција да биде злоупотребена за развој на биолошко оружје.
Иако веројатноста за целосно исчезнување на човештвото се оценува како мала, последиците од ваквите сценарија би биле катастрофални.
Меѓу останатите сериозни закани се климатските промени, пандемиите, загадувањето на воздухот, отпорноста на антибиотиците, детската неухранетост и намалувањето на меѓународната здравствена помош.
Според проценките, ограничувањето на глобалното затоплување на 1,8 степени, наместо достигнување 4,4 степени, би можело да спречи загуба од 1,89 милијарди години здрав живот.
Професорот Кристофер Мареј од Универзитетот во Вашингтон нагласува дека одлуките на светските лидери денес ќе го обликуваат здравјето на идните генерации.
Експертите истакнуваат дека овие сценарија не претставуваат сигурни предвидувања, туку ризици што можат да се намалат со навремени мерки.
Главната порака на извештајот е дека светските влади мора да вложуваат во превенција, здравствени системи и меѓународна соработка пред опасностите да прераснат во глобални катастрофи.










