Секое ткиво во човечкото тело е испреплетено со микроскопски влакна кои ја држат формата и ја насочуваат функцијата: во мускулите ја „водат“ силата, во цревата ја поддржуваат подвижноста, а во мозокот помагаат при преносот на сигнали меѓу различни региони. Иако овие структури не се сосема непознати, до сега беше тешко да се визуализира нивната ориентација и траекторија, особено кога влакната се вкрстуваат во повеќе насоки.
Истражувачи од Стенфорд, ТУ Делфт и партнери развија нов пристап наречен computational scattered light imaging (ComSLI), објавен во Nature Communications. Методата ја користи разликата во расејувањето на светлината низ микроструктурите во зависност од нивната ориентација. Наместо скапа специјализирана опрема или специфично бојадисување, доволни се ротирачки LED-извор на светлина и микроскопска камера. Софтверот потоа создава колор-карти кои го прикажуваат распоредот на влакната во секој „пиксел“.
Главната предност на ComSLI е што може да се примени на речиси секој хистолошки слајд, без разлика на начинот на подготовка, користениот протокол или староста на примерокот, вклучувајќи и архивски материјали. Ова им овозможува на лабораториите повторно да ги „прочитаат“ постоечките препарати и да добијат информации што претходно беа скриени.
Техниката овозможува и микро-изведби на „фиберска тракторафија“, слични на дифузионата МРИ, но со многу повисока просторна резолуција. Со тоа се реконструира микроскопската архитектура на влакната и се следат насоките на нервните патишта и врските во ткивата, вклучувајќи и густо испреплетени области.
ComSLI го покажува својот потенцијал и во разликите меѓу здрави и болни ткива. На пример, методата разликува оштетувања во случаи на мултиплекс склероза, леукоенцефалопатија, а во хипокампусот при Алцхајмерова болест се забележува деградација на одредени патишта.
Иако се фокусира на невронауката, методата не е ограничена само на мозокот. Таа може да ги прикаже и мускулните и колагенските влакна, што отвора можност за откривање на „невидливи“ механички и структурни мапи во целото тело со опрема што веќе постои во многу лаборатории.


















