ПРВ.мк
Наука/Технологија

Кинеските клима уреди станаа хит во Европа – побарувачката е толку голема што фабриките работат 24 часа (ВИДЕО)

Кинеските клима уреди станаа хит во Европа – побарувачката е толку голема што фабриките работат 24 часа (ВИДЕО)

Рекордните температури што ова лето ја зафатија Европа предизвикаа огромен пораст на побарувачката за климатизација, а најголемите добитници од овој тренд се кинеските производители на клима уреди.

Додека голем дел од европските домаќинства се справуваа со екстремната жештина без климатизација, компаниите Midea, Haier и Gree забележаа нагол раст на продажбата. Особено популарен стана преносниот модел PortaSplit на Midea, кој е прилагоден на европските регулативи за поставување климатизација во станбени објекти. Побарувачката била толку голема што уредот брзо се распродавал, а корисници дури креирале интернет-страници кои следат кога повторно ќе биде достапен.

Според податоците на кинеската царина, извозот на клима уреди кон Франција, Велика Британија и Холандија во мај пораснал за повеќе од 55 проценти во споредба со истиот период лани. Само моделот PortaSplit оваа година бил продаден во повеќе од 200.000 примероци низ Европа, што е двојно повеќе од минатата година.

Покрај клима уредите, значително е зголемен и извозот на вентилатори, машини за мраз и други уреди за ладење. Кинеските фабрики работат непрекинато за да одговорат на огромната побарувачка, но според производителите, и покрај максималното производство, интересот сè уште е поголем од понудата.

Кинеските медиуми ова го претставуваат како доказ за индустрискиот напредок на земјата, а особено внимание привлече видеото од целосно автоматизирана фабрика на Midea, каде што од производната линија излегува нов клима уред на секои шест секунди.

Експертите сметаат дека европските производители имаат знаење да произведуваат вакви уреди, но не можат да ги изработуваат во толку големи количини и по толку ниска цена како кинеските компании. Тоа дополнително ги отвора прашањата за растечкиот трговски дисбаланс меѓу Европската Унија и Кина.

Од кинеското Министерство за надворешни работи, пак, порачуваат дека зголемената продажба е резултат на побарувачката на пазарот, а не на политички или геополитички фактори, нагласувајќи дека најважно е производите да ги задоволат секојдневните потреби на потрошувачите.

ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО ТУКА