Новата алатка за создавање фотографии со помош на вештачка интелигенција на компанијата „Мета“ предизвика голема загриженост кај експертите за приватност. Причината е што функцијата, според нив, може да користи фотографии од јавни профили на Инстаграм како основа за создавање нови слики, без сопствениците на профилите директно да бидат известени.
Станува збор за алатката „Мјуз имиџ“, која беше претставена од „Мета“ како нова генеративна технологија за креирање и уредување фотографии. Со неа корисниците можат да означуваат јавни профили на Инстаграм и да создаваат нови визуелни содржини користејќи ги лицата и изгледот од фотографиите што се достапни на тие профили.
Најголемата загриженост кај експертите е тоа што лицата чии фотографии се користат не добиваат известување дека нивните објави биле употребени како референца за создавање содржина со вештачка интелигенција.
Од „Мета“ велат дека алатката е развиена со безбедносни мерки уште од самиот почеток и дека приватните профили, како и профилите на корисници помлади од 18 години, автоматски се исклучени од оваа можност.
Компанијата наведува дека возрасните корисници со јавни профили имаат можност сами да ја исклучат функцијата преку поставките на Инстаграм. Сепак, експертите сметаат дека ваквата опција не би требало да биде автоматски активирана, туку корисниците претходно јасно да дадат согласност.
Според компанијата за сајбер-безбедност „Малвербајтс“, најсигурен начин за спречување на користење на фотографиите е профилот да се постави како приватен. Иако ова значи ограничување на видливоста на профилот, експертите велат дека така се намалува можноста непознати лица да ги користат фотографиите за создавање содржина со вештачка интелигенција.
За корисниците кои сакаат профилот да им остане јавен, „Мета“ препорачува во поставките на Инстаграм да се исклучи опцијата поврзана со „Споделување и повторна употреба“, која дозволува содржината да се користи во одредени функции.
Но, токму достапноста на оваа опција е една од главните критики. Експертите предупредуваат дека поставките се тешко забележливи и дека голем број корисници воопшто не знаат дека нивните фотографии може да бидат искористени од системи за вештачка интелигенција.
Од компанијата „Протон“, која се занимава со дигитална приватност, посочуваат дека споделувањето податоци е автоматски вклучено, додека можноста за исклучување е скриена подлабоко во менито. Дополнителен проблем, според нив, е што копчињата за активирање и деактивирање изгледаат многу слично, што може да доведе до грешки кај корисниците.
Иако „Мета“ уверува дека профилите на малолетници не можат да бидат користени како референца, останува отворено прашањето дали фотографии од деца кои се појавуваат на јавни профили на возрасни лица можат да бидат искористени при создавање нови слики со вештачка интелигенција.
Торин Клосовски, експерт за безбедност и приватност од Фондацијата за електронски граници, смета дека ваквите функции треба да бидат активирани само со изречна согласност од корисникот.
„Ова е целосно нов начин на користење на фотографиите што луѓето со години ги објавувале јавно. Кога луѓето креирале профили на Инстаграм, не очекувале дека нивните фотографии еден ден ќе се користат како материјал за генеративна вештачка интелигенција“, изјавил Клосовски.
Од „Мета“ ја претставуваат „Мјуз имиџ“ како алатка наменета за креативни можности – виртуелно испробување облека, менување стилови, подобрување фотографии и создавање нови визуелни ефекти.
Сепак, токму можноста за комбинирање повеќе фотографии во една команда создава најголеми сомнежи кај експертите. Според нив, теоретски секој би можел да користи туѓ јавен профил како основа за креирање нови фотографии со помош на вештачка интелигенција.
Во моментов, „Мјуз имиџ“ е достапна преку апликацијата „Мета ВИ“, како дел од Инстаграм-стори функциите во САД, како и преку „Ватсап“ во ограничен број земји. „Мета“ најави дека функцијата постепено ќе биде проширена и на „Фејсбук“, а во иднина се очекуваат и алатки за создавање видеа со помош на вештачка интелигенција.









