Научници од Полска развија иновативен систем кој може да препознае речиси 50 различни видови рак за само 24 часа, што би можело значително да ја забрза дијагностиката на малигните заболувања.
Новиот метод се базира на анализа на метилацијата на ДНК – процес кој влијае на активноста на гените без да ја менува нивната структура. Истражувачите откриле дека секој тумор има уникатен „епигенетски отпечаток“, што овозможува негово прецизно препознавање со помош на напредни модели на вештачка интелигенција.
Студијата опфатила околу 17.000 пациенти, а резултатите покажале висока точност кај најголемиот дел од анализираните тумори, вклучувајќи карциноми на мозокот, белите дробови и панкреасот.
За разлика од класичните методи кои бараат подолг период за анализа, новиот пристап е во голема мера автоматизиран и овозможува конечна проценка во рок од еден ден.
Иако методата сè уште не е официјално одобрена како клинички тест, научниците сметаат дека во иднина може значително да го подобри и забрза откривањето на ракот, а со тоа и навременото започнување на третманот.
Според истражувачите, најголем предизвик засега остануваат ретките видови карциноми, за кои има помалку достапни податоци за обука на системот. Сепак, резултатите се оценуваат како голем чекор напред во современата онколошка дијагностика.









