Бугарија започнува амбициозен проект што би можел да ја позиционира меѓу најважните европски центри за развој на вселенски технологии. Во близина на Софија, на просторот на поранешниот воен аеродром во Доброславци, ќе се гради голем индустриски парк посветен на вселенската и одбранбената индустрија.
Проектот е резултат на партнерство меѓу бугарската држава и компанијата „ЕндуроСат“, која претходно обезбеди повеќе од 100 милиони долари инвестиции од меѓународни инвеститори. Планот предвидува изградба на современ центар за развој, составување, тестирање и сертификација на сателити од новата генерација, а првата фаза треба да биде реализирана во рок од околу три години.
Во рамки на инвестицијата ќе биде обновена и пистата на поранешниот аеродром, а ќе се изгради и специјализиран образовен кампус каде студентите и младите инженери ќе можат практично да работат на современи вселенски проекти.
Очекувањата се дека проектот ќе отвори стотици висококвалификувани работни места и ќе придонесе за економски развој на регионот околу Софија, кој со години бил неискористен.
Со оваа инвестиција, Бугарија има амбиција дополнително да ја зајакне својата позиција во високотехнолошкиот сектор и да стане еден од значајните играчи на европскиот пазар за вселенски технологии.










