ПРВ.мк
Наука/Технологија

Европските работници остануваат без заштита! Дали алгоритмите ја преземаат контролата?

Европските работници остануваат без заштита! Дали алгоритмите ја преземаат контролата?

Во Европа, алгоритмите и вештачката интелигенција сè повеќе ги заменуваат човечките одлуки на работното место, предизвикувајќи загриженост кај синдикатите кои предупредуваат дека работниците не се доволно заштитени. Компаниите ја истакнуваат ефикасноста на новите технологии, но синдикатите предупредуваат дека ова води кон губење на контрола врз правата на работниците и бараат од Европската унија воведување нови регулативи за поголема транспарентност и заштита.

Истражување на литванската агенција Visionary Analytics за Европската комисија покажува дека едно од четири работни места во Европа веќе користи алгоритми и ИИ за донесување одлуки кои директно влијаат на вработените. Алатките за вештачка интелигенција веќе се применуваат во процесите на регрутирање, планирање на смените, евалуација на перформансите и следење на вработените, а експертите прогнозираат експоненцијален раст на нивното влијание во наредните десет години.

Европската конфедерација на синдикати (ЕСС) предупредува дека синдикатите се соочуваат со сериозни предизвици во заштитата на правата на работниците, бидејќи немаат доволно експерти или ресурси за да ги разберат сложените алгоритамски системи. „Компаниите често не ги информираат работниците или синдикатите за воведувањето на алгоритми кои одлучуваат за плати, работно време или следење на вработените“, истакнува Теа Јарц од ЕСС.

Извештајот на Европската комисија дополнително укажува дека постојното законодавство на ЕУ не ги покрива сите аспекти на алгоритамското управување, особено во делот на транспарентноста и јасната граница помеѓу работата и слободното време. „Време е компаниите да сфатат дека не можат да ги кријат менаџерските одлуки зад алгоритмите“, додава Јарц.

Според UNI Europa, во моментот во ЕУ постојат само 23 колективни договори кои содржат одредби за алгоритамско управување, главно во Шпанија и Данска, а повеќето синдикати немаат финансиски средства да ангажираат експерти за оваа област.

Во 2024 година, Европската унија ја усвои Директивата за платформски работници, која забранува отпуштање врз основа на алгоритамски одлуки и го гарантира правото на човечки надзор. Сепак, синдикатите сметаат дека оваа регулатива е застарена и бараат нова, сеопфатна директива која ќе ги регулира сите аспекти на употребата на вештачка интелигенција на работното место. „Законодавците заостануваат зад технологијата“, предупредува Јарц, додавајќи дека ИИ веќе влијае на милиони работници низ цела Европа, но правилата сè уште не го следат вистинскиот темпо на развојот.

Не дознавај последен - читај ПРВ.мк

Escape