Ново научно истражување во кое биле анализирани повеќе од 500 професии укажува на зголемен ризик од смртност од видови рак поврзани со изложеност на радијација кај членовите на авионските екипажи. Според резултатите, најизразен ризик бил забележан кај стјуардесите, а веднаш зад нив се пилотите.
Како еден од можните фактори научниците го издвојуваат космичкото зрачење, на кое пилотите и кабинскиот персонал се редовно изложени поради големиот број часови поминати на височина.
Атмосферата на Земјата претставува природна заштита од високоенергетските честички што доаѓаат од вселената. Колку повеќе се зголемува надморската височина, толку оваа заштита е помала, па изложеноста на космичко зрачење станува поголема.
Важна улога имаат и должината на летовите и географската ширина. Изложеноста може да биде поголема на рутите што минуваат поблиску до половите.
Според истражувачкиот тим предводен од Вишал Пател од Медицинскиот факултет на Харвард, авионските екипажи примаат меѓу највисоките просечни годишни дози на јонизирачко зрачење меѓу професиите во САД. Се проценува дека пилотите и стјуардесите годишно акумулираат околу три до шест милисиверти космичко зрачење.
Анализата на податоците покажала дека стјуардесите имале 50 отсто поголема веројатност за рак поврзан со радијација, додека кај пилотите ризикот бил зголемен за 36 отсто.
Научниците, сепак, посочуваат дека космичкото зрачење не мора да биде единствениот фактор. Како дополнителен потенцијален ризик се наведува и изложеноста на УВ-зрачење низ прозорците во пилотската кабина.
Авторите сметаат дека резултатите треба да поттикнат дополнителни истражувања и подобрување на мерките за следење и заштита на здравјето на луѓето кои професионално поминуваат голем дел од своето време во воздух.








