Пластичните садови одамна станаа неизоставен дел од секојдневието поради нивната практичност и достапност. Сепак, онколозите предупредуваат дека начинот на кој се користат може да има влијание врз здравјето, особено ако се изложуваат на високи температури.
Онкологот д-р Сунил Камат од Клиниката во Кливленд истакнува дека не постои едноставен одговор на прашањето зошто се развива ракот, бидејќи станува збор за сложена болест на која влијаат повеќе фактори, меѓу кои и животната средина и секојдневните навики.
Според него, еден од аспектите на кои треба да се обрне внимание е начинот на складирање и загревање на храната. Проблемот, како што објаснува, не е самата пластика, туку одредени хемиски соединенија што може да ги содржи, како бисфенол А (BPA), фталати и стирен.
Експертите предупредуваат дека овие супстанции можат да преминат во храната, особено кога пластичните садови се користат за загревање во микробранова печка, се изложуваат на високи температури или се користат долго време и покажуваат знаци на оштетување.
Хематоонкологот и епидемиолог д-р Адил Кан смета дека овие сознанија не треба да се игнорираат.
„Фактот дека одредени хемикалии од пластиката можат да преминат во храната е нешто што луѓето треба сериозно да го сфатат“, предупредува тој.
Сепак, експертите нагласуваат дека тоа не значи дека користењето пластични садови директно предизвикува рак, туку дека изложеноста на одредени хемиски соединенија е еден од многуте фактори што се истражуваат во контекст на долгорочните здравствени ризици.
Поради тоа, лекарите препорачуваат храната да се загрева во стаклени или керамички садови, да не се користат оштетени пластични садови и секогаш да се следат ознаките дали производот е наменет за употреба во микробранова печка. Ваквите едноставни навики можат да помогнат да се намали непотребната изложеност на потенцијално штетни хемиски материи.










