Обид да внесе златен накит во Македонија без да го пријави завршил со откривање на стока вредна околу четири милиони денари. Станува збор за тетовчанец, сопственик на златарница, кој накитот го сокрил во перница за врат, но бил откриен при царинска контрола на граничниот премин Богородица.
Накитот бил пронајден при проверка на автобус што сообраќал на релацијата Истанбул – Гостивар. Иако патниците биле прашани дали имаат стока што треба да ја пријават при влез во земјава, никој не пријавил ништо, по што царинските службеници одлучиле да извршат детален преглед.
При контролата, во внатрешноста на перницата за врат што ја носел осомничениот биле пронајдени 77 парчиња златен накит со вкупна тежина од 612 грама.
Според доказите обезбедени во предистражната постапка, тетовчанецот го купил накитот од златарска работилница во Истанбул. Намерата, според истрагата, била нелегално да го пренесе во Македонија и потоа да го продава во сопствената златарница.
Против него е поднесена кривична пријава за криумчарење, дело што е казниво според Кривичниот законик.








