Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) запленила 150 килограми месо кое не ги исполнувало условите за безбедно ставање во промет.
Како што информираат од АХВ, вчера била спроведена заедничка акција со СВР Гостивар, при што официјални ветеринари на Агенцијата извршиле контрола на приватен имот во селото Чајле.
При контролата било пронајдено и запленето вкупно 150 килограми месо со изминат рок на употреба. Месото било и без соодветна декларација, а неговото потекло не било познато.
По запленувањето, месото било транспортирано и нештетно уништено на депонијата „Русино“.
Акцијата била реализирана од надлежните институции со цел да се отстранат од употреба производи кои не ги исполнуваат условите за безбедност и законски промет со храна.






