Десетгодишната Ева се соочува со тешка битка со остеосарком, агресивен и редок малиген тумор на коските, кој бара итен и интензивен третман во странство.
„Нашето мало сонце одеднаш се соочува со најголемата борба во својот живот. Ева е радосно, љубопитно и храбро дете, и секој момент е од клучно значење“, велат од семејството.
Дијагнозата покажала високостепен тумор кој брзо се шири, а лекувањето од ваков тип не може да се спроведе во Македонија. Поради тоа, Ева е примена во специјализирана клиника во Минхен, Германија, каде се спроведува последната фаза од дијагностиката. Следната недела е закажано ПЕТ/КТ снимање, по веќе направени магнетна резонанца, биопсија, рендген и лабораториски анализи.
Медицинскиот план предвидува три фази на лекување: два месеци интензивна хемотерапија, потоа хируршко отстранување на туморот и дополнителни шест месеци хемотерапија.
Семејството апелира за финансиска поддршка за покривање на трошоците за лекувањето, нагласувајќи дека времето е клучно за успехот во борбата на Ева.


















