Жителите на Велес деновиве добиваат СМС-пораки дека камерите од системот „Безбеден град“ регистрирале возење со брзина поголема од дозволената, што предизвика бројни реакции и дилеми меѓу возачите. Од Министерството за внатрешни работи, сепак, смируваат – станува збор за тестирање на системот, а не за изрекување казни.
Портпаролот на МВР, Гоце Андреевски, појасни дека во Велес, како и во повеќе други градови, се спроведува завршната фаза од тестирањето на системот „Безбеден град“ пред неговото официјално пуштање во употреба.
Според него, пораките што ги добиваат граѓаните се испраќаат исклучиво во рамки на тестирањето и немаат карактер на прекршочни санкции.
„Доколку граѓаните добиле вакви пораки, нема причина за загриженост. Тие не претставуваат казни, туку се дел од проверката на функционалноста на системот. Јавноста ќе биде навремено известена кога системот официјално ќе почне да функционира“, информираат од МВР.
Во изминатите два дена повеќе возачи од Велес пријавиле дека на своите мобилни телефони добиле известување дека биле регистрирани како се движат со брзина поголема од дозволените 30 километри на час на дел од градските улици.
Во меѓувреме, камерите веќе се поставени на повеќе локации низ Велес. Според локалните информации, при нивното набљудување не било забележано видливо активирање или блиц како кај дел од камерите што веќе функционираат во Скопје, што дополнително укажува дека системот сè уште се наоѓа во тест-фаза.
Од МВР најавуваат дека по завршувањето на сите технички проверки ќе биде објавен точниот датум кога системот „Безбеден град“ ќе почне официјално да се користи за евидентирање на сообраќајните прекршоци и изрекување санкции.






