54-годишна жена од скопско село пријавила во СВР Скопје дека била жртва на финансиска измама во која останала без 95.400 денари.
Според пријавата поднесена на 14.01.2026 година, измамата се случувала во текот на изминатата година, при што оштетената во повеќе наврати му давала пари на едно лице кое ѝ ветувало дека може да ѝ помогне да купи стан во Скопје, како и да обезбеди вработување за нејзината ќерка како цариник.
Жената поверувала во ветувањата и постепено му ја исплаќала договорената сума, очекувајќи дека договореното ќе се реализира. По извесен период, лицето престанало да одговара на нејзините телефонски повици и целосно го прекинало контактот со неа, по што таа сфатила дека станува збор за измама.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат соодветни мерки и активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на идентитетот и одговорноста на сторителот.

















