Според документи со кои располага „Фокус“, клучниот проблем во случајот со загинатиот кинески државјанин во компанијата „ИГМ Трејд“ од Кавадарци е тоа што тој поседувал виза од типот Ц, односно туристичка виза. Оваа информација, како што се наведува, е потврдена и од надлежните институции.
Факт е дека работодавачот знаел или, најмалку, морал да знае дека лице со туристичка виза не смее да биде работно ангажирано, а уште помалку да му се дозволи ракување со тешка механизација, како што е кран.
Оттука, останува отворено прашањето кој и зошто го дозволил ваквото незаконско ангажирање.
Еден месец по трагичната смрт на кинескиот државјанин во кавадаречката фирма, пред Основното јавно обвинителство во Кавадарци искази дале неговата сопруга Хонгју Ванг и неговите две сестри.

















