Концертот на Владо Георгиев, кој требаше да се одржи на 20 март во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, е одложен и презакажан за 24 април. Одлуката, како што појаснил самиот пејач, била донесена поради пропуст на неговиот организациски тим, кој не бил информиран дека во истата седмица се одбележува годишнината од трагедијата во Кочани.
Георгиев порача дека не смета оти ова е соодветен период за одржување концерт, нагласувајќи дека од почит кон моментот, настапот треба да биде поместен. Дополнителна причина за новиот термин бил и фактот што денот на првично закажаниот концерт се совпаѓал со верскиот празник Рамазан Бајрам.
Од организаторите информираат дека концертот ќе се одржи на 24 април и упатија извинување до публиката поради промената. Тие најавуваат дека скопската публика сепак ќе добие вечер за паметење и уверуваат дека подготовките за настапот продолжуваат.
Сите веќе купени влезници ќе важат и за новиот датум, без потреба од дополнителна замена. За оние што нема да можат да присуствуваат, овозможен е и поврат на средствата. Електронските билети купени преку платформата ќе може да се рефундираат со испраќање барање преку официјалниот контакт, со наведување на бројот на трансакцијата. За влезниците купени физички, повратот ќе се врши на истото продажно место каде што се набавени.
Со тоа, наместо во март, концертот на Владо Георгиев во Скопје ќе се одржи еден месец подоцна.


















