Денес се навршува една година од трагичната смрт на 22-годишната модна дизајнерка Фросина Кулакова, чиј живот прерано згасна во сообраќајна несреќа во Скопје. Таа беше усмртена на лице место откако во неа удри автомобил управуван од млад возач, настан што ја потресе јавноста и предизвика силни реакции и барање правда низ целата земја.
Во нејзина чест, денес е објавена емотивната балада „Фросина“. Текстот е дело на Огнен Неделковски, а музиката и изведбата ги потпишува Александар Митевски.
Песната не повикува на одмазда, туку на будење на општествената свест и одговорност, особено кога станува збор за безбедноста и заштитата на младите животи. Тоа е и главната мисија на Фондацијата „Фросина Кулакова“, која по трагичната смрт на Фросина активно работи на подигнување на јавната свест и превенција од слични несреќи.
Во соопштението од авторите се истакнува:
„Слушнете ја ‘Фросина’, балада во спомен на Фросина Кулакова, чија младост згасна на денешен ден – 29 јануари минатата година. Песната е емотивен подарок за семејството Кулакови и Фондацијата ‘Фросина Кулакова’. Нека биде спомен, парче светлина, капка утеха, поука за нацијата и лек за душата.“
Песната е објавена во пресрет на вечерешната донаторска вечер на Фондацијата „Фросина Кулакова“, која ќе се одржи во 19:00 часот, со цел младата Фросина никогаш да не биде заборавена.

















