Мобилните телефони чии содржини ги открија потресните докази поврзани со трагедијата во дискотеката во Кочани, биле вештачени од страна на МВР, а резултатите од вештачењето биле доставени до Обвинителството уште во јуни 2025 година.
Случајот доби нова димензија откако ИРЛ објави документарец, во кој во јавноста беа изнесени дел од пораките што се разменувале меѓу инспектори од УЈП, пазарниот инспекторат и полицијата, со синот на сопственикот на дискотеката, каде што животот го загубија 62 млади лица.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, сите извештаи од вештачењата се предадени уште во јуни:
„Ве известуваме дека сите извештаи од вештачења на мобилни телефони се доставени во месец јуни 2025 година до надлежното јавно обвинителство за понатамошно постапување и одлучување,“ – изјавиле од МВР за „Слободен печат“.
По објавувањето на пораките во документарецот, Обвинителството информираше дека е во тек предистрага, и дека јавноста досега има видено само мал дел од доказниот материјал, додека во нивна сопственост се далеку поголем број на пораки и докази за потенцијално над десет кривични дела.
Во објавените пораки можеа да се прочитаат договори за „подароци“, но и најави за инспекциски контроли што биле предвреме најавувани на синот на газдата – што директно фрла сенка на работата на дел од институциите. Како резултат на ова, две лица од Управата за јавни приходи се суспендирани.
Трагедијата која ја потресе цела држава сè уште не добила судска разрешница, а јавноста бара одговори – дали трагедијата можела да се спречи доколку институциите постапиле навремено и професионално?