Некогаш есента мирисаше на ајвар, печени пиперки и штотуку наполнети тегли со туршија. Домаќинствата купуваа вреќи пиперки, гајби домати, корнишони и зелка, подготвувајќи се за зимата. Денеска, пред да почнат со подготовките, сè повеќе семејства прво мораат внимателно да ја пресметаат сметката. Цените на зеленчукот достигнуваат нивоа поради кои традиционалната зимница за многумина станува луксуз, а дел од граѓаните наместо да купуваат поголеми количества, земаат само по неколку парчиња.
Обиколката на „Зеленото пазарче“ во Скопје, направена од весникот „Вечер“, покажала дека цените на производите што се користат за подготовка на зимница значително се разликуваат, но дел од нив се сериозен товар за семејниот буџет. Килограм црвени домати се продава од 100 до 180 денари, додека зелените домати, кои најчесто се користат за туршија, чинат од 60 до 120 денари. Зелените пиперки се продаваат за 80 денари за килограм.
Корнишоните чинат од 80 до 100 денари, краставиците од 50 до 70 денари, а за килограм компири треба да се издвојат 50 денари. Морковите наменети за туршија се продаваат од 50 до 60 денари за килограм. Цвеклото чини 60 денари, црвениот кромид 70, а жолтиот кромид 50 денари.
Сепак, најголемиот трошок доаѓа при купувањето карфиол и брокула, чија цена достигнува 200 денари за килограм. Во деновите пред објавувањето на извештајот, карфиолот се продавал по цена од 160 до 170 денари, но за продолжениот викенд, според кажувањата на пазарџиите, неговата цена достигнала и од 220 до 250 денари за килограм. Според граѓаните, слични цени имало и на пазарите во Струга и Охрид.
На Кванташкиот пазар зеленчукот е поевтин, но има разлика во цените
Поинаква слика се забележува на Кванташкиот пазар, каде што дел од производите се нудат по значително пониски цени. Килограм компири таму чини од 30 до 35 денари, морковите се продаваат за 25 денари, цвеклото за 20 денари, а зелката од 25 до 30 денари.
Зелените домати чинат од 40 до 45 денари за килограм, корнишоните од 55 до 60 денари, додека карфиолот се продава за 160 денари.
Разликите се особено видливи кај некои од основните производи за зимница. Килограм цвекло на Кванташкиот пазар чини 20 денари, додека на „Зеленото пазарче“ достигнува 60 денари. Кај компирите, цената на големо е од 30 до 35 денари, наспроти 50 денари на мало.
Сепак, треба да се има предвид дека не станува збор секогаш за ист квалитет и вид на производите, а на Кванташкиот пазар стоката најчесто се продава на големо. За граѓаните што купуваат помали количества за потребите на домаќинството, пресудна останува крајната сума што треба да ја платат.
„Кој ќе ја јаде туршијата?“ – граѓаните сè почесто купуваат само по неколку парчиња
На „Зеленото пазарче“ во Скопје, пензионерот Стоиле Димовски долго размислувал пред да одлучи што ќе купи од една од тезгите. На прашањето дали цените му изгледаат реални, тој направил споредба со цените во друг град во внатрешноста на земјата.
„Видете – ни рече тој – да не бидам погрешно разбран, цените се реални за голем град како Скопје. Деновиве бев во еден град во внатрешноста, таму карфиолот беше од 50 до 100 денари за килограм, а овде стигна до 200, па и до 250 денари. Ама тоа е, и овие луѓе овде што продаваат мораат нешто да заработат, затоа што живејачката во Скопје е многу скапа. На тој што кажува дека му е скапо, нека ја продаде куќата или станот во Скопје и нека замине, на пример во Раштак, ем близу е до метрополата ем ќе може сам да си произведува“, вели Димовски.
Од друга страна, продавачката Валентина од Горно Лисиче објаснува дека продажбата е подобра за време на викендите, додека во работните денови има помалку купувачи. Според неа, сè помалку луѓе се занимаваат со земјоделство, а трошоците за производство и продажба се високи.
„Од ова што го гледате на тезгите, нешто е наше производство, нешто земаме од Стајковци, Лисиче или од Водно. Младите не сакаат да работат земјоделство, избираат поплатени работни места, а како што знаете, многу и си заминаа од државата. Па дома останува по еден или двајца. Затоа и не се става туршија како порано, кој ќе им ја јаде? Дури и многу мои редовни муштерии купуваат по еден морков, по два домати, една краставичка, велат доволно им е за еден ден. А трошоците ни се големи. Еве, јас имам закупено три тезги и за нив плаќам 18.000 денари месечно, а каде е тука годишниот данок што го плаќаме? Гледате дека има многу празни тезги на пазаров, затоа што им е неисплатливо“, изјавила Валентина.
Нејзиното сведоштво укажува на проблемите со кои се соочуваат и продавачите. Покрај послабата побарувачка во текот на работната недела, тие мораат да ги покријат трошоците за закуп на тезгите и другите давачки, додека дел од потрошувачите купуваат само толку колку што им е потребно за еден ден.
Килограм карфиол за 200 денари, а пилешкото на акција околу 135 денари
Споредбата на цените што ја направил весникот „Вечер“ со малопродажните цени објавени претходниот ден во скопските маркети дополнително ја илустрира скапотијата. Цело свежо пиле на акција чинело околу 135 денари за килограм, додека килограм карфиол се продавал за 200 денари.
Тоа значи дека за цената на еден килограм карфиол може да се купи повеќе од еден килограм пилешко месо по промотивна цена. Во исто време, свинскиот бут без коска на акција чинел 279 денари за килограм, односно само 79 денари повеќе од карфиолот.
Зеленчукот што традиционално се користи за подготовка на зимница така достигнува цени што во одредени случаи се приближуваат до цените на месото или ги надминуваат. Секако, цените зависат од конкретниот маркет, видот на месото и актуелните промоции, но споредбата покажува колкав трошок може да претставува подготовката на зимницата за домаќинствата.
Земјоделците предупредуваат: високите трошоци ја намалуваат заработката уште пред почетокот на производството
Покрај граѓаните и продавачите, со сериозни финансиски притисоци се соочуваат и земјоделците. Националната земјоделска мрежа предупредува дека проблемите почнуваат уште пред да биде засадена првата пиперка, бидејќи трошоците за репроматеријали и енергенси значително влијаат врз исплатливоста на производството.
Според анализата на Мрежата, маржите кај пестицидите достигнуваат од 35 до над 80 проценти од крајната цена. Кај семенскиот материјал за градинарско производство, маржите почнуваат од 37 проценти. Во меѓувреме, даноците, акцизите, трговските маржи и еколошките такси сочинуваат околу 48 проценти од цената на горивото на бензинските пумпи.
Од Националната земјоделска мрежа реагираат и на предвидената добивка од 25 проценти над производствената цена, оценувајќи дека таа не ги одразува реалните трошоци и ризици со кои се соочуваат производителите.
„Законодавците и креаторите на политики ни нудат или предвидуваат гарантирана законска добивка од 25 % над производствената цена. Дали има ова каква било економска логика? Трговците со репроматеријали си гарантираат маржи од 30 до 80 проценти уште пред да насадиме ништо. Државата зема речиси 50 % од цената на горивото преку акцизи и даноци. А земјоделецот, кој го сноси целиот ризик од климатските непогоди, болестите, сушата и деноноќниот труд, треба да биде „задоволен“ со 25 проценти“, прашуваат од Мрежата.
Според нив, со гарантирана добивка од 25 проценти над производствената цена, земјоделците не можат соодветно да ги покријат ниту трговските маржи и давачките за основните репроматеријали и енергенси. Како што наведуваат, тоа дополнително ја отежнува можноста да обезбедат егзистенција за своите семејства и средства за понатамошен развој на производството.
Статистиката покажува раст на трошоците, но пад на цените на растителното производство
Податоците на Државниот завод за статистика дополнително ги илустрираат предизвиците со кои се соочуваат земјоделците. Во август 2026 година, вкупните трошоци за земјоделските инпути биле повисоки за 7 проценти во споредба со истиот месец претходната година.
Најизразен раст бил забележан кај енергијата, горивата и мазивата, чии цени се зголемиле за 15,8 проценти на годишно ниво. Истовремено, цените на растителното производство биле пониски за 2,4 проценти, додека зеленчукот поевтини за 6,4 проценти во споредба со август минатата година.
Овие податоци укажуваат на дополнителен притисок врз производителите: трошоците за производство растат, додека цените на дел од земјоделските производи се намалуваат. Во такви услови, земјоделците се соочуваат со прашањето дали производството ќе им донесе доволна заработка за да ги покријат вложените средства и трудот.
Приказната за килограм карфиол од 200 денари затоа не се однесува само на цената на еден зеленчук. Таа ги отсликува секојдневните предизвици на граѓаните што пресметуваат дали можат да си дозволат зимница, на продавачите што се борат со трошоците за тезгите и послабата продажба, но и на земјоделците кои се прашуваат дали повторното обработување на нивите ќе биде економски исплатливо.
Запленети околу два тона небезбедна храна на зелениот пазар во Ченто
Во меѓувреме, околу два тона храна од различен вид, оценета како небезбедна, биле запленети при вонредна инспекциска контрола на зелениот пазар во скопската населба Ченто. Акцијата била спроведена вчера од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Комуналната инспекција на Град Скопје и Државниот пазарен инспекторат.
При контролата, инспекторите утврдиле дека храната се продавала надвор од местата предвидени за продажба во рамките на пазарот, и тоа во нехигиенски услови. Таквиот начин на чување и продажба отвора прашања за безбедноста на производите и го зголемува ризикот за здравјето на граѓаните што ги купуваат.
Запленетата храна била отстранета од прометот. Надлежните инспекциски служби најавиле дека контролите ќе продолжат и дека ќе бидат преземани мерки во согласност со нивните законски надлежности.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека засилените инспекциски контроли ќе продолжат и во наредниот период, како самостојно, така и во координација со другите надлежни институции. Целта е да се спречи продажбата на небезбедна храна и да се обезбедат соодветни услови за складирање, чување и промет на производите.
АХВ упатува апел до сите лица што продаваат храна да ги почитуваат законските обврски и да обезбедат хигиенски услови при ракувањето со производите, нивното чување и продажба.






