ПРВ.мк
Македонија

Бугарија добила барање за апсење и екстрадиција на Ива Михајлова: Познато што одговориле бугарските власти

Бугарија добила барање за апсење и екстрадиција на Ива Михајлова: Познато што одговориле бугарските власти

Бугарските власти добиле официјално известување од Интерпол-Скопје со барање за меѓународна потрага, апсење и екстрадиција на Ива Михајлова, која поседува македонско и бугарско државјанство.

Според бугарското Министерство за внатрешни работи, барањето пристигнало на 13 октомври 2026 година, во 19:38 часот, во Дирекцијата за меѓународна оперативна соработка.

Во известувањето се наведува дека против Михајлова се води кривична постапка поврзана со безбедноста во сообраќајот, согласно член 300 од македонскиот Кривичен законик.

Налогот за нејзино апсење бил издаден истиот ден од надлежниот суд во Кочани.

Сепак, бугарското МВР потврдува дека засега нема издадена црвена потерница од Интерпол за Михајлова.

Од Министерството дополнително информираат дека до моментот на нивното соопштение не биле преземени активности за нејзино пронаоѓање на територијата на Бугарија.

Особено внимание привлекува прашањето за евентуалната екстрадиција, со оглед на тоа што Михајлова има и бугарско државјанство.

Бугарските власти се повикуваат на член 25, став 4 од Уставот на Бугарија, според кој бугарски државјанин не може да биде екстрадиран во друга држава за кривично гонење, освен во случаи предвидени со ратификуван меѓународен договор што е во сила.

Ова значи дека евентуалната екстрадиција ќе зависи од применливите меѓународни договори и законските процедури.

Михајлова е обвинета во постапка за тешката сообраќајна несреќа на патот Кочани – Штип, во која загина Бесим Дурмиши, а уште три лица беа повредени.

Судскиот процес во Македонија сè уште не е завршен, а прашањето дали и под кои услови Михајлова би можела да биде предадена на македонските власти останува отворено.