ПРВ.мк
Македонија

„Црвените светла“ се запалиле со задоцнување – Клековски откри што покажуваат првите проверки

„Црвените светла“ се запалиле со задоцнување – Клековски откри што покажуваат првите проверки

Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека првичните анализи покажуваат доцнење од три до четири дена во системот за рано предупредување при регистрирањето на инфекциите во Гостивар. Тој нагласи дека се спроведува темелна анализа на сите податоци со цел да се утврди точната хронологија на настаните и евентуалните пропусти.

Според Клековски, институциите ги проверуваат медицинските извештаи, пријавите до матичните лекари и анализите од повеќе надлежни служби, а истрагата се спроведува преку неколку независни извори. Целта е, покрај утврдувањето на одговорноста, да се извлечат поуки и да се подобри функционирањето на системот за навремено откривање на заразни заболувања.

Министерот порача дека одговорност ќе има, но потенцираше дека конечните заклучоци мора да се темелат на факти и стручни анализи, а не на избрзани обвинувања.

„Одговорно тврдам дека одговорност ќе има, но тоа не смее да прерасне во линч. Најпрво треба прецизно да се утврди како се одвивале настаните и каде настанале евентуалните пропусти“, изјави Клековски.

Тој посочи дека во тек е утврдување кога се појавил првиот случај, колку време поминало до алармирањето на здравствените власти и како се одвивала комуникацијата меѓу здравствените установи, Центарот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Клековски најави дека целокупната анализа ќе биде завршена во краток рок и ќе понуди објективна слика за случувањата, како и конкретни мерки за подобрување на системот. Во меѓувреме, институциите остануваат фокусирани на спречување на нови случаи и ограничување на евентуалното понатамошно ширење на инфекцијата.