Густ црн чад доцна вчеравечер го прекри стариот дел на Велес, откако избувна пожар на дива депонија во близина на базенот за вода на ЈКП „Дервен“, над Дервенски Поток.
Пожарот избувнал во текот на вчерашното попладне, а по повеќечасовна интервенција на пожарникарите бил локализиран и целосно изгаснат. Огнената стихија била проследена со големо количество густ чад, што претставувало дополнителен проблем и за жителите во околината, но и за пожарникарите кои интервенирале на теренот.
Од Територијалната противпожарна единица Велес информираат дека пријавата за пожарот била примена во 17:50 часот. На местото веднаш било испратено едно противпожарно возило со тројца пожарникари-спасители.
По пристигнувањето, пожарникарите затекнале пожар кој веќе бил во развиена фаза, поради што било проценето дека е потребно засилување на екипите. Било побарано дополнително противпожарно возило за да се спречи огнот да се прошири на поголема површина.
„По тричасовна борба со пламените јазици, пожарот е изгаснат и не е дозволено негово проширување“, соопштија од велешката Пожарна.
Сепак, и по гаснењето на огнот, последиците од пожарот биле забележливи во поширокото подрачје. Густиот црн чад се ширел кон стариот дел на Велес и им создавал сериозни непријатности на жителите.
Велешани сведочат дека во одреден момент воздухот бил исполнет со чад и дека нормалното движење и престојување надвор било отежнато.
Според дел од жителите, на депонијата горела пластика, а тие изразиле сомнеж дека можно е да биле запалени и кабли, што често се случува при обиди да се извади бакарот од нив. Тие предупредуваат дека ваквото горење создава исклучително непријатен и потенцијално штетен чад.
Проблемот со загадувањето не останал ограничен само на непосредната околина на пожарот. Иако мерната станица на Министерството за животна средина, просторно планирање и климатски промени во Велес се наоѓа во новиот дел од градот, во населбата Тунел, влијанието од чадот било забележано и таму.
Во 21 часот биле измерени 77 микрограми на кубен метар ПМ10 честички, додека утрото во 6 часот часовната вредност достигнала 160 микрограми на кубен метар.
Особено загрижува фактот што при горење пластика може да се ослободат низа штетни материи. Чадот од вакви пожари може да содржи јаглерод моноксид, диоксини, фурани и ситни честички, а изложеноста на таков чад може да предизвика иритација на очите и дишните патишта.
Штетните материи од чадот можат да бидат пренесени и на поголеми растојанија зависно од временските услови и движењето на ветерот, поради што пожарите на депонии претставуваат проблем кој може да го почувствува и населението подалеку од самото место на пожарот.
Во Велес дополнителна загриженост постои и поради начинот на кој се следи квалитетот на воздухот во различните делови од градот.
Пред околу две децении во близина на Бирото за вработување постоела мерна станица која го следела квалитетот на воздухот во стариот дел на Велес. Таа станица подоцна била затворена од Министерството за животна средина.
Токму поради конфигурацијата на Велес, локалните екологисти и граѓани со години укажуваат дека податоците од мерната станица во Новата населба не мора целосно да ја прикажуваат состојбата со воздухот во стариот дел на градот.
Дополнителен фактор е и греењето во зимскиот период, бидејќи голем број домаќинства во стариот дел на Велес користат дрва, што исто така може да влијае врз локалниот квалитет на воздухот.
Локалната власт во повеќе наврати побарала од Министерството за животна средина да постави мерни инструменти и во овој дел од градот, со цел да се добие пореална слика за состојбата со воздухот, но барањето, според информациите, не било прифатено.
Пожарот кај Дервенски Поток повторно го отвори прашањето за дивите депонии, неконтролираното горење отпад и начинот на кој загадувањето се следи во различните делови на Велес. По тричасовната интервенција на пожарникарите огнот бил ставен под контрола, но густата чадна завеса која се проширила низ градот уште еднаш ги потсетила жителите на ризиците што ги носи горењето отпад, особено пластика.







