Царинските службеници на три гранични премини во земјава ќе добијат нова опрема со која нивното службено постапување ќе може да биде снимано во реално време. Царинската управа обезбеди 30 телесни камери, кои ќе бидат ставени во употреба на граничните премини Табановце, Ќафасан и Блаце.
Од институцијата очекуваат новата технологија да придонесе за поголема контрола и транспарентност при извршувањето на службените задачи, но и за дополнителна заштита како на граѓаните и превозниците, така и на самите царински службеници.
Телесните камери се обезбедени како донација преку американската програма ICITAP – меѓународна програма за обука и помош при водење криминалистички истраги, основана во 1986 година како специјализирана организација во рамките на Министерството за правда на САД.
Со новата опрема, службените постапувања ќе се документираат преку видео и аудиоснимки во реално време. Материјалите што ќе бидат направени со камерите, согласно утврдените правила, ќе може да се користат како доказ и да се споделуваат со други институции надлежни за спроведување на законот.
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, оцени дека воведувањето на телесните камери претставува значаен чекор кон поставување нови стандарди во работењето, особено во делот на професионалноста, транспарентноста, одговорноста и безбедноста.
„Со обезбедените 30 телесни камери, заедно со целокупниот систем и инфраструктура и со спроведените обуки, ние не добиваме само технологија, туку систем што треба да даде конкретни резултати во секојдневното работење“, изјави Николовски.
Тој посочи дека Табановце, Ќафасан и Блаце не се избрани случајно, бидејќи на овие премини царинските службеници секојдневно имаат контакт со голем број патници и превозници, а истовремено се одвива значителен проток на стока.
Според Николовски, една од најважните придобивки од користењето на камерите е тоа што тие треба да обезбедат дополнителна заштита за сите учесници во постапката. Снимката ќе овозможи да постои објективен запис за начинот на кој постапувал царинскиот службеник, но истовремено ќе го документира и однесувањето на патниците, превозниците и економските оператори.
Покрај заштитата и документирањето на службените постапки, од Царинската управа ја издвојуваат и превенцијата од корупција како една од главните цели на проектот. Оттаму посочуваат дека употребата на современа технологија е дел од пошироките активности насочени кон зајакнување на интегритетот и професионалноста, како и кон спречување на можни злоупотреби на службените овластувања.
Како трета значајна придобивка е наведена поголемата транспарентност и можноста за зголемување на довербата кај граѓаните. Очекувањето е работата на царинските службеници да биде попроверлива, а самата опрема да се користи одговорно, доследно и професионално, во согласност со однапред утврдените правила.
На промоцијата на опремата се обрати и вршителката на должноста амбасадор на САД во земјава, Никол Варнс. Таа изрази благодарност до сите институции и лица кои биле вклучени во реализацијата на проектот.
Варнс истакна дека современата технологија треба да им помогне на царинските службеници своите задачи да ги извршуваат со уште поголем интегритет. Таа нагласи и дека американската страна останува посветена на поддршката на напорите за зајакнување на безбедноста и стабилноста на границите.









