ПРВ.мк
Македонија

ТРОЈЦА ОБВИНЕТИ ПРИЗНАА ВИНА ЗА ФАЛСИФИКУВАНИ ВОЗАЧКИ: Стигнаа и затворските пресуди!

ТРОЈЦА ОБВИНЕТИ ПРИЗНАА ВИНА ЗА ФАЛСИФИКУВАНИ ВОЗАЧКИ: Стигнаа и затворските пресуди!

Тројца службеници обвинети во случајот со незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи признале вина, по што Судот им изрекол затворски казни.

Од Основниот кривичен суд Скопје денеска информираа дека предметот се води против вкупно шест обвинети лица, од кои тројца во моментов се недостапни за органите.

На последното одржано судско рочиште, тројцата обвинети кои биле присутни ја признале вината.

Првообвинетата е осудена на две години и шест месеци затвор. Второобвинетиот и третообвинетиот, пак, добиле затворски казни во траење од по една година и три месеци.

Случајот се однесува на незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи за категориите C и D, односно категории што се однесуваат на управување со товарни возила и автобуси.

Истрагата за случајот беше спроведена пред околу десетина дена, откако Внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи претходно отворила постапка за сомневања за незаконско постапување во управните служби.

При проверките било откриено дека одредени вработени во управните служби незаконски впишувале повисоки категории во возачките дозволи на лица кои немале положено соодветен возачки испит за управување со камиони или автобуси.

По откривањето на случајот, биле преземени дополнителни проверки со цел да се утврди колку службеници биле вклучени во ваквото постапување, како и колку возачки дозволи биле издадени на овој начин.

Постапката продолжува за преостанатите обвинети, од кои тројца се недостапни.