Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на вонредна прес-конференција објави нови детали за трагедијата во скопски Карпош, каде животот го загубија мајка и нејзината ќерка по пад од висококатница.
Според Тошковски, на 2 март околу 14 часот случаен минувач пријавил дека мајка и девојче скокнале од стан, по што полицијата веднаш излегла на терен. Истиот ден, околу 12:05 часот, починатата Ивана разговарала со полицијата, но изјавила дека се работи за недоразбирање и дека не бара полициска интервенција, наведувајќи дека брачните односи ги решава преку бракоразводна постапка.
Состојбата е документирана со белешка која Ивана ја потпишала. Насилникот, Стојанче Јовановски, е лишен од слобода, а против него ќе биде поднесена кривична пријава. Во изминатите години, СВР Скопје поднело десет кривични пријави против него за насилство, имотни деликти и трговија со дрога. Министерот истакна дека сите околности ќе бидат детално документирани и предмет на понатамошна анализа.


















