Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека јавноста ќе биде згрозена кога ќе се открие за кои суми биле издавани одредени документи и што се правело незаконски, спротивно на сите регулативи и правила, кои важат за функционирањето на еден кабаре или диско.
„Нема да има милост за никого. Секој оној кој допринел, било директно или индиректно, за оваа ужасна трагедија, заради која плаче секој Македонец, ќе одговара“, изјави министерот Тошковски за Сител.
Тошковски откри дека како осомничени се луѓе кои биле на високи позиции, меѓу кои поранешни министри, државни секретари, директори на институции, раководители на сектори, сопственици на правни лица и обезбедување. Тој посочи дека ќе се открие кој стои зад незаконски изготвената документација и додаде дека јавноста ќе биде згрозена кога ќе ги дознае деталите за оваа трагедија. Според него, повторно, како и многу пати досега, во позадина на овие незаконитости се наоѓаат мито и корупција.
Министерот за внатрешни работи истакна дека има докази за овие активности и порача дека корупцијата е таа која ја уништува Македонија.