ПРВ.мк
Македонија

СВЕДОШТВО ШТО ЛЕДИ КРВ: Келнер кој непријавен работел во „Пулс“ изнесе страотни детали!

СВЕДОШТВО ШТО ЛЕДИ КРВ: Келнер кој непријавен работел во „Пулс“ изнесе страотни детали!
Kristal

Дваесетгодишниот Кристијан Панов, прв сведок повикан од Обвинителството, денеска сведочеше на судењето за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени. Во своето потресно сведочење тој откри сериозни безбедносни пропусти во објектот, но и лична трагедија – во пожарот загинал неговиот брат Андреј.

Панов изјави дека тој и неговиот брат работеле непријавени во дискотеката. Тој работел како келнер за викенди, на повик, за дневница од 1.500 денари која ја добивал пред почетокот на смената, додека неговиот брат бил шанкер. Според него, во клубот често имало малолетни лица, а за гостите постоел само еден влез и излез.

Кобната вечер, Панов пристигнал во „Пулс“ околу 02:20 часот, кога објектот веќе бил преполн. Додека бил надвор да пуши цигара, слушнал преку микрофон како некој им кажува на гостите: „Излегувајте сите, ќе се вратиме“, по што настанал целосен хаос.

– Луѓето почнаа панично да излегуваат. Многумина се заглавија на вратата и на скалите, паѓаа едни врз други – сведочеше тој.

Откако метежот малку се расчистил, Панов влегол назад во објектот за да го побара братот.

– Нешто падна врз мене, се распрсна и морав повторно да излезам. Кога повторно се вратив, имаше многу тела. Никој не беше при свест. Ги поместував телата за да го најдам брат ми. Го познав по тетоважите – раскажа сведокот.

Братот бил извлечен пред влезот, а подоцна пренесен во болницата во Кочани, каде, според сведочењето, лекарите се обидувале да го реанимираат со адреналин. Панов раскажа дека на кратко останал сам со него и се обидувал да го оживее, сè додека медицински персонал не му соопштил дека е меѓу починатите.

На прашање на Обвинителството дали во „Пулс“ и претходно се користела пиротехника, Панов потврди дека на претходна забава со диџеи од Грција имало танчерки кои вртеле запалени факели. Тој истакна дека во објектот не забележал противпожарни апарати, иако додаде дека додека бил надвор, го видел сопственикот Дејан Јованов како поминува со противпожарен апарат во рацете.

Од Обвинителството најавија дека во текот на денот ќе бидат сослушани уште четворица сведоци во врска со една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија.

FixCredit
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo

Најнови вести

Escape
Mia Home Mavrovo
Escape