Министерството за образование и наука размислува за промена на начинот на кој функционира студентскиот оброк, а една од опциите што се разгледуваат е студентите наместо парична исплата да добиваат ваучери.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во синоќешното гостување во емисијата „Вин Вин“ на Телма ТВ откри дека во Министерството веќе се анализира можноста за промена на актуелната методологија за пресметување и исплата на студентскиот оброк.
Јаневска објасни дека според сегашната методологија и пресметката која ја зема предвид стапката на инфлација, студентите би требало да добијат зголемување од околу седум денари. Тоа би значело дека износот би достигнал приближно 147 денари.
Сепак, министерката посочи дека во МОН веќе пристигнала иницијатива за промена на начинот на кој се реализира студентскиот оброк, по што започнале анализи на можните модели.
Според Јаневска, во земјите од регионот постојат различни начини на организирање на оваа форма на поддршка за студентите. Таа нагласи дека суштината на мерката е студентите да добијат обезбеден оброк, а не само директна парична исплата.
„Во околните земји наши постојат други методологии, ова е субвенција на студентски оброк. Значи тие треба да добијат оброк. Има различни модели во нашата околина, ние во овој момент ги анализираме и веројатно ќе следи промена на методологијата“, изјави Јаневска.
Како една од можните промени, министерката ја спомена варијантата студентите да не добиваат пари директно, туку одреден вид ваучер.
Со таков ваучер, според идејата што ја разгледува МОН, студентите би можеле да обезбедат оброк во однапред определени ресторани или угостителски објекти кои би биле вклучени во системот.
„Тие да не добиваат пари туку најверојатно некаков тип на ваучер со кој ќе можат да си обезбедат во одредени ресторани оброк кој ќе треба да го одберат“, рече министерката.
Засега не е донесена конечна одлука за воведување на ваквиот модел. Од изјавата на министерката произлегува дека МОН во моментов ги анализира различните модели што се применуваат во земјите од регионот, по што би требало да следи евентуална промена на методологијата за студентскиот оброк.






