ПРВ.мк
Свет

БЛОКАДИ, НАСИЛСТВО И 2.000 АПСЕЊА: Затворени над 400 училишта!

БЛОКАДИ, НАСИЛСТВО И 2.000 АПСЕЊА: Затворени над 400 училишта!

Француското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека во четвртокот биле приведени речиси 2.000 лица за време на „вториот чин“ од протестите на младинското движење, кое бара повеќе средства за образовниот систем.

Движењето на блокади што го започнаа средношколците и студентите во Франција, а кое изминатите денови зафати неколку големи градови, би можело да продолжи и денеска, додека властите се обидуваат да ја смират ситуацијата по насилните инциденти, објави „Фигаро“.

Префектите ширум Франција синоќа издадоа наредби со кои денеска се забрануваат собири во близина на средните училишта што се затворени, пренесува БФМ.

Протести во Франција

Во Париз, полицискиот префект Патрис Фор ги забрани собирите во близина на 13 средни училишта.

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез, кој синоќа се сретна со префектите, шефовите на полицијата и жандармеријата и со претставници на разузнавачките служби, ја осуди ескалацијата на ситуацијата, оценувајќи дека протестите повеќе не претставуваат само легитимно изразување на барањата на средношколците, туку имаат обележја на „урбано насилство“.

Француските разузнавачки служби предупредуваат и на можни инциденти за време на поголемите протести најавени за 6 октомври.

Според нивните проценки, протестното движење сè повеќе се шири надвор од училиштата кон градските центри, а повремено на мета се згради, наставници и институции на власта, вклучувајќи ги и регионалните канцеларии за образование.

Разузнавачките служби ги следат и активностите на лица кои доаѓаат надвор од училиштата и предупредуваат на можност од инциденти ширум земјата.

Протести во Франција

Лидерот на движењето „Непокорена Франција“, Жан-Лик Меланшон, ги повика средношколците во протестите да користат „исклучиво ненасилни методи“.

Таа партија од самиот почеток ги поддржува барањата на учениците, додека дел од политичките противници ја обвинуваат дека ги поттикнува младите на насилство и нереди.

Средношколците во Франција бараат подобри услови за образование, а од вчера им се приклучија и студентите, кои исто така во голем број ги блокираат универзитетите.

Протест во Франција

Нивната заедничка мобилизација, како што најавија, ќе продолжи и денеска, наведува БФМ.

Францускиот министер за образование синоќа најави дека денеска ќе бидат затворени нешто повеќе од 400 училишни установи.

Како што прецизираше, тие ќе бидат затворени „или поради тоа што се уништени системите за заштита од пожари, или затоа што наставниот кадар се нашол на мета на намерни напади“.

Тој истакна дека се променила природата на средношколското движење и дека „насилни групи го зеле како заложник“.