Топлата воздушна маса ќе спречи формирање на снежна покривка во пониските делови од земјата, иако утрата ќе бидат исклучително студени со силен мраз.
Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи, утрешниот ден ќе донесе променливо облачно време со повремени сончеви интервали. Попладне, во западните делови од Македонија ќе има појава на слаб локален дожд, додека на планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец.
Утринските температури ќе бидат многу ниски, при што најстудено ќе биде во Берово, каде што живата во термометарот ќе се спушти до минус 14 степени. Дневните температури ќе бидат значително повисоки и ќе се движат до 6 степени Целзиусови во Гевгелија, Прилеп, Битола и Крива Паланка.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Утрото ќе биде многу студено со минимална температура околу минус 11 степени, додека максималната дневна температура ќе достигне околу 3 степени. Ќе дува умерен ветер од јужен правец.
Од сабота, под влијание на циклонска активност, времето ќе стане претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Снег ќе има главно на планините и на одредени повисоки населени места. Во исто време, ќе дува умерен до засилен ветер, претежно од јужен правец, а температурите постепено ќе бидат во пораст.
















